27.05.2023
Одобрение за Овластен економски оператор му се додели на компанијата
Компанијата “Даути-Комерц” АД-Скопје, се стекна со статус на Овластен eкономски oператор (ОЕО) за царински поедноставувања, безбедност и сигурност во работењето, со што стана 27ма домашна компанија со овој статус.
Денес директорката на Царинската управа м-р Славица Кутиров, заедно со заменик директорот Муарем Асани и висок раководен тим од Царинската управа беа во работна посета на компанијата Даути Комерц, на која беше доделено Одобрението за Овластен економски оператор.
На средбата директорката Кутиров истакна дека сè повеќе компании ја разбираат потребата и важноста да се биде ОЕО. Исполнувањето на условите за добивање на статус на ОЕO, на овие компании им овозможува примена на царински поедноставувања,намалени контроли, кои важат од неоддамна и во земјите од Отворен Балкан. Ова истовремено влијае на јакнење на нивната конкурентност во регионот и ЕУ.
Стекнувањето статус на ОЕО, како и воведените олеснувања во царински постапки, влијае позитивно на реномето и трговско-економските релации на компанијата, а со тоа се подобрува нивната конкурентност како во државата, така и во поширокиот регион.