04.07.2023
Даути: Нема да поскапат основните прехрамбени производи, можно е некои и да поефтинат
Првичните сигнали покажуваат дека и покрај стравувањата на граѓаните нема да дојде до нов ценовен шок поради одмрзнувањето на трговските маржи. Смирувачката вест дека основните прехрамбени производи нема да поскапат за „Локално“ ја потврди и Џемаил Даути- директор на една од најголемите компании за дистрибуција на стока за широка потрошувачка. “Даути-Комерц”.
Ова практично ќе значи дека потрошувачите нема дополнително да го оптоварат својот куќен буџет плаќајќи повисоки цени за лебот, јајцата, маслото за јадење, шеќерот…
„Нема да ги покачиме цените на производите. Пазарот е веќе стабилизиран а трговците се однесуваат соодветно на условите на пазарот. Не само што ќе останат исти цените, туку можат и да се намалат бидејки се намалува берзанската цена и на пченицата и на брашното а тоа има влијание на крајната цена на лебот“, вели Даути.
Ваквиот след на работите според него само ја потврдува претходната оценка на трговците според која мерките за лимитирање на цените беа непотребни.
„Државата има регулаторно тело за регулирање на конкуренцијата на пазарот , а тоа е Комисијата за заштита на конкуренција. Во случај на појави на злоупотреби од страна на одредени трговци, Владата има инструменти и правни механизми да го регулира слободниот пазар“, посочува Даути.
Она што според него Владата треба да го направи е да ги ослободи трговците од увозни давачки за основните прехрамбени артикли.
„Не е логично еден производ да има 30 % царина, а 5% данок во цената. Сите производи треба да се ослободени од царини. Македонија е дел од ЦЕФТА и многу други меѓународни асоцијации, а сепак се соочуваме во ситуација за некои производи од некои земји да има високи царини а од други земји да нема царина“, забележува Даути.
Забелешки во однос на високите царински давачи пред неколку денови упатија и од месната инсустрија. Во оваа насока е и нивното укажување дека за секој увезен килограм месо како суровина, месната индустрија плаќа дополнителни 27 денари царински давачки.