19.02.2024
Националната развојна стратегија ќе овозможи стабилни, трајни и долгорочни политики за економски развој
Интервју за порталот Фактор
Продолжуваме со серијата интервјуа посветени на процесот на креирање на Националната развојна стратегија - визионерски стратешки документ кој ќе го утврди развојниот пат на државата во следните 20 години. Подготовката на овој сеопфатен стратешки документ се одвива преку процес на широка консултација, вклученост на сите чинители, како и преку градење меѓу-генерациски, меѓу-етнички, меѓу-партиски и родов консензус помеѓу клучните општествени чинители.
Колку е важно да се имплементира Национална развојна стратегија во контекст на економскиот развој на државата и што очекувате да биде најголемиот придонес за бизнис секторот?
ДАУТИ: Секоја стратегија има своја тежина, но ова особено важи за Националната развојна стратегија, бидејќи според мене, тоа е основниот документ по кој ќе се движи економскиот развој на државата. Оваа стратегија требаше да се донесе во 90-те години, но никогаш не е доцна за исправни одлуки. Секое време е добредојдено, но сега е важно да се усвои од Собранието и да се имплементира во пракса. Долгорочната развојната стратегија треба да има свои заштитни механизми за да имаме визија во кој правец ќе се движи економијата на државата и како ќе се градат економските политики зазабрзанекономски развој на Северна Македонија, користејќи ги компаративните предности кои ги имаме како пазар. Најголемиот придонес за бизнис секторот и нашите очекувања се НРС да овозможи да имаме стабилни, трајни и долгорочни економски политики за развој.
Каков треба да биде придонесот на процесот на имплементација на Националната развојна стратегија за подобрувањето на инвестициската клима и стимулирање нови инвестиции во земјата?
ДАУТИ: Доколку Националната развојна стратегија се имплементира во секој сегмент соодветно, сметам дека несомнено ќе се создадат услови за забрзан економски раст и развој.Имплементација на сите столбови на стратегијата прецизно и без двоумење, ќе креира амбиент за забрзан економски развој на економијата. Инвеститорите ќе имаат стабилен пристап, очекувања и познати развојни политики, што ќе ги охрабри повеќе да вложуваат во држава, каде нема да има често промена на правната регулатива и во која ќе се елиминираат правните недостатоци во системот.
Со оглед на тоа што бевте вклучен во целиот процес на креирање на Националната развојна стратегија, дали мислите дека знаењата, идеите и визијата на претставниците на бизнис секторот се адекватно застапени?
ДАУТИ: Стопанската Комора на Северозападна Македонија уште од 2005 година бараше да има долгорочна развојна стратегија, и токму затоа се вклучивме во овој процес. Јас бев лично вклучен во сите фази на подготовка на стратегијата, и мислам дека суштината на барањата на стопанствениците се инкорпорирани во НРС. Очекуваме да се усвои со политички консензус од сите политички сили и нејзина доследна и континуирана имплементација.
Кои се клучните начела на кои треба да се темели планирањето на економскиот развој на државата во рамки на Националната развојна стратегија за да се придонесе за зголемување на животниот стандард на граѓаните?
ДАУТИ: Согласно реалната геополитичка позиција на Северна Македонија и целокупната економска ситуација, нашата држава е носител на една мала економија, која доколку исправно се следи и управува ќе даде успешни резултати. Сметам дека клучно начело за тоа е функционирањето на правниот систем. Нашата економија треба да биде максимално слободна, со една развиена пазарна конкуренција, усогласена со европските стандарди. Политиките треба да се насочат кон стимулирање на компаративните предности кои ги има државата, како на пример природните ресурси, и географската геополитичката позиција на Република Северна Македонија. Ако умно и ефикасно ги искористиме сите ресурси кои ги имаме на располагање, вклучително и човечкиот, мислам дека тоа само по себе ќе придонесе за поголем животен стандард за граѓаните и градење држава во која сите ќе сакаме да живееме.