16.07.2025





Џемаил Даути: Стратешки чекори кон Европа и светот

„Даути комерц“ е семејна компанија на семејството Даути, трансформирана во акционерско друштво со систем на корпоративно управување.  Основната дејност на „Даути комерц“ е увоз-извоз и дистрибуција на производи за широка потрошувачка, која се врши преку дистрибутивните центри во Северна Македонија, Косово и Црна Гора и локални добавувачи преку мрежата „кеш&кери“ во Скопје, Тетово и Струга.  Денес, „Даути комерц“ располага со најсовремени и софистицирани дистрибутивни центри во Сарај, со површина од над 22.000 квадратни метри, во Тетово од 3.000 квадратни метри, во Струга од 1.500 квадратни метри, во Драч, Албанија од 3.000 квадратни метри, во Урошевац, Косово од 15.000 квадратни метри и во Подгорица, Црна Гора од 5.000 квадратни метри. Овие центри логистички се опремени со најсоодветен возен парк, кој има сопствена бензинска пумпа и сл.   Сестринската компанија „Даути-транспорт шпед“, лоцирана во земјава и Албанија, располага со 11 шпедитерски услужни седишта и возен парк од 60 камиони. „Даути комерц“ има сопствен царински склад, со лиценца со локално царинење, исто така е лиценциран како овластен економски оператор ОЕО. Со генералниот директор Џемаил Даути зборувавме за работење на компанијата кое трае 30 години.

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Како е организирана логистичката мрежа на „Даути комерц“ во Македонија и регионот и кои се главните предизвици со кои се соочувате во управувањето со синџирот на снабдување?

Логистичката мрежа на „Даути комерц“ е внимателно изградена со текот на годините за да ги задоволи потребите на постојано растечкиот пазар. Управуваме со модерни дистрибутивни центри на стратешки локации во Македонија и имаме развиено силни партнерства со логистички партнери во регионот, што ни овозможува да гарантираме брзо, безбедно и одржливо снабдување. Употребата на технологија за следење и управување со синџирот на снабдување е од суштинско значење во овој поглед.
Главните предизвици со кои се соочуваме се доцнења во меѓународниот транспорт, чести промени во царинските прописи и глобална нестабилност во снабдувањето. Сепак, нашата флексибилност и долгогодишното искуство ни помагаат да одржиме високо ниво на ефикасност и сигурност.

Како инфлацијата и глобалните промени влијаат врз вашата политика на цени и деловната стратегија?

Инфлацијата и глобалните промени – како што се нарушувањата во синџирите на снабдување или флуктуациите во трошоците за транспорт – бараат од нас да бидеме исклучително внимателни и приспособливи. Во „Даути комерц“ внимателно ги следиме економските индикатори и градиме флексибилни стратегии што ни овозможуваат постепено да ги приспособуваме цените, минимизирајќи го влијанието врз крајниот потрошувач. Истовремено се фокусираме на внатрешната ефикасност – оптимизирање на оперативните трошоци, инвестирање во технологија и човечки ресурси. Ова ни овозможува да ја одржиме конкурентноста на задоволително ниво.

Изборот на партнери се базира на неколку фундаментални критериуми: квалитет, капацитет на снабдување, стандарди за безбедност на храната... Секогаш бараме нови партнерства што внесуваат додадена вредност во нашето портфолио.

Компанијата „Даути комерц“ ја доби дозволата за извоз на производи од животинско потекло на пазарот на Европската Унија? Колку беше тежок патот за да се добие дозволата и што ќе значи таа за вашето работење?

Да, „Даути комерц“ успеа да добие дозвола за извоз на пазарот на Европската Унија за производи од животинско потекло, процес што бараше исполнување на многу строги стандарди на ЕУ во однос на безбедноста на храната и следливоста на производите. Оваа дозвола му дава можност на нашиот сектор за извоз да пласира домашни и регионални производи од животинско потекло на европските пазари и пошироко.

Како компанијата се приспособува на различните регулативи и пазарни услови во земјите каде што е присутна?

Секој пазар има свои правни и оперативни карактеристики. Ние изградивме систематски пристап кон следење и почитување на регулаторната рамка во секоја земја каде што сме присутни. Нашиот правен сектор во соработка со локални консултанти ги приспособува внатрешните процеси и обуката на тимовите, одржувајќи стабилно и успешно присуство на овие пазари со динамични и често менувачки правни прописи.

Изминатите неколку години беа предизвикувачки во поглед на владините мерки и стапувањето во сила на Законот за нефер трговски практики. Како тие влијаеја врз работењето на „Даути комерц“? Сметате ли дека најпосле FMCG-секторот ќе продолжи со непречено функционирање?

Во последните години законските измени и новите владини мерки, особено спроведувањето на Законот за нефер трговски практики, донесоа бран на реструктурирање и предизвици за целиот сектор. За „Даути комерц“, овој период бараше целосно да се посветиме на спроведувањето на овие мерки, приспособување на процедурите и комуникација со трговските партнери. Овие промени ги гледаме и како можност за усовршување на конкуренцијата на пазарот засновано на правила и прописи, зајакнувајќи ги етиката и транспарентноста. FMCG-секторот ќе продолжи да се соочува со предизвици, но компаниите што се приспособливи, иновативни и посветени на потрошувачот ќе опстојат и продолжат да се развиваат.

   

Кои се најпродаваните производи во портфолиото на „Даути комерц“?

Нашето портфолио на понуда е околу 3.000 производи за широка потрошувачка, некои производи заземаат посебно место и во поглед на обемот и во поглед на пазарното влијание, како што се производите од „Дивела“, „Свислион“, „Фрутекс“, „Мегле“, „Овако“, „Рукер“, „Хајду“, „Мирато груп“ итн. од увозната гама. Клучен дел од нашата понуда се и домашните производители и добавувачи чии производи ги пласираме на домашен, регионален и странски пазар.

FMCG-секторот ќе продолжи да се соочува со предизвици, но компаниите кои се приспособливи, иновативни и посветени на потрошувачот ќе опстојат и продолжат да се развиваат.

Колку македонските брендови што вие ги дистрибуирате во регионот се препознаени од потрошувачите? На кој начин придонесувате за поголема видливост?

Македонските брендови или производи за широка потрошувачка што ние ги дистрибуираме на странските пазарите не биле присутни на тие пазари, односно не биле познати за тамошните потрошувачи. Благодарение на нашиот уникатен начин на дистрибуција и пласирање во вистинските продажни канали, добар дел од нив се препознаени од крајните потрошувачи. Наш стратешки пристап е отворање нови пазари, анализирајќи ги односот и вкусот на локалните потрошувачи, приспособувајќи ја понудата со очекувањата на потрошувачот на секоја земја. Денес, „Даути комерц“ извезува, покрај сите западнобалкански земји, во земјите на ЕУ, САД и Австралија.

Кои се критериумите за избор на партнери и добавувачи? Дали наскоро да очекуваме нов партнер и нов бренд во вашето портфолио?

Изборот на партнери и добавувачи е многу внимателен процес кој се базира на неколку фундаментални критериуми: квалитет на производот, капацитет на снабдување, усогласеност со стандардите за безбедност на храната, углед на компанијата и заедничките вредности што ги споделуваме - како што се интегритетот и посветеноста кон потрошувачот. Секогаш бараме нови партнерства што внесуваат додадена вредност во нашето портфолио.

Кои се основните вредности што ги промовирате во вашата корпоративна култура? Како ги мотивирате и развивате вашите вработени за да постигнат високи резултати?
Во основа, нашата корпоративна култура е: доверба, одговорност, квалитет и долгорочна соработка. Веруваме дека успехот не се гради само врз добри производи, туку врз посветени луѓе и работна средина што инспирира личен и професионален развој. Мотивацијата на нашите вработени се постигнува преку континуирано инвестирање во обука, вклучување во донесувањето одлуки и создавање клима каде што заслугите се препознаваат и се наградуваат. Секој вработен го гледаме како важен дел од нашата визија и му даваме простор да расте со компанијата, односно брзо да гради кариера.

Како „Даути комерц“ обезбедува ефикасност и квалитет во своите дистрибутивни центри и кои технологии и системи се користат за управување со синџирот на снабдување?

Нашите дистрибутивни центри се опремени со модерни технологии кои гарантираат максимална ефикасност при приемот, складирањето, чувањето и дистрибуцијата на производите. Користиме напредни WMS системи кои ни овозможуваат да ги следиме резервите и роковите во реално време, да го оптимизираме движењето на производите и ефикасно да управуваме со нарачките. Исто така, користиме алатки за следење на пратките и анализа на податоци за да донесуваме попрецизни одлуки и да обезбедиме непречено и контролирано снабдување до последниот детал.

Кои се плановите за проширување на присуството на „Даути комерц“ на нови пазари во следните 5 години?

„Даути комерц“ планира да го заокружи дистрибутивниот центар за извоз, кој е во тек. Да се зајакне присуството во пазарите на ЕУ и пошироко, каде што во тек се преговори во Велика Британија, Саудиска Арабија итн. Продолжуваме со отворање нови извозни пазари за домашните и регионалните производители.

Какви резултати оствари компанијата минатата година? Кои се клучните фактори за успех и каде гледате простор за понатамошен пораст?

Минатата година, во споредба со 2023 година, „Даути комерц“ забележа постојан пораст на приходите. Продажбата во Северна Македонија достигна 90.170.406 евра, или со други зборови, зголемување од 19,25%. Компанијата бележи проширување на своето портфолио на производи и зајакнување на позицијата на брендовите што ги застапуваме на пазарот. Еден од најголемите успеси беше исполнувањето на критериумите за извоз во ЕУ и понатамошното подобрување на логистичката инфраструктура. Клучните фактори за успех беа одржливата и уникатна стратегија, посветениот тим и довербата на нашите партнери. Очекуваме темпото на пораст да продолжи со повисоки проценти.

Како некој што своето повеќедецениско работно искуство го посветил на FMCG-секторот, кои се највредните лекции што сметате дека треба да ги усвојат младите лидери и идните генерации што сакаат да изградат успешна кариера во оваа динамична индустрија?

Ова индустрија е динамична и променлива, но исто така е и привлечна. Лекција: не плашете се од промени, бидете храбри, скромни, доверливи. Ако сте го разбрале пазарот, имате јасна визија, ќе создадете вредност за себе, компанијата и за општеството во целина.


Даути Комерц АД

Основната дејност на компанијата ДАУТИ КОМЕРЦ ад е увоз-извоз и промет на стоки за широка потрошувачка кој се остварува преку дистрибутивните центри, како и застапување на повеќе реномирани домашни и светски фирми од разни области.

КОНТАКТ ИНФОРМАЦИИ

Поставени се колачиња (cookies) на Вашиот уред со цел да се подобри функционалноста на оваа веб страница.

Потребни ми се дополнителни информации | Политика за користење на колачиња (cookies)

Се согласувам Не се согласувам